Следната недела започнува реконструкција на аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид, прва од неговата изградба, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Според Николоски, преземени се активности и аеродромот е легализиран, што, истакнува, беше тежок процес.
– Реконструкцијата ќе биде прва од тој тип од неговото градење. До скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас, но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме, што е срамно за државата еден од двата аеродроми да го немаш на хартија. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цела инфраструктура. Но тоа е завршено и следно е реконструкцијата што ќе донесе повеќе летови и патници и очекувам туристичкиот дел да се насочи таму, а бизнис делот да доаѓа во Скопје, истакна синоќа вицепремиерот Николоски во поткастот на ТВ Сител, соопшти Министерството за транспорт.
