Возачите во Германија се соочуваат со исклучително високи цени на бензинот и дизелот, а податоците за август покажуваат дека пазарот на горива останува под силен ценовен притисок.

Според анализата на Германскиот автомобилски клуб (ADAC), просечната цена на Super E10 во август достигнала 2,145 евра за литар, со што е поставен нов рекорд за месечниот просек. Дизелот бил уште поскап и во просек чинел 2,223 евра за литар.

Цените дополнително варирале во текот на месецот. Најскапо било на 23 август, кога просечната цена на Super E10 достигнала 2,188 евра за литар, додека дизелот се искачил на 2,283 евра.

Од друга страна, 9 август бил најповолен ден за возачите. Тогаш литар Super E10 во просек чинел 2,095 евра, а дизелот 2,162 евра.

Од ADAC посочуваат дека цената што возачите ја плаќаат на бензинските станици е резултат на повеќе фактори. Освен суровата нафта, во крајната цена влегуваат трошоците за преработка, транспорт и дистрибуција, како и даноците и другите државни давачки.

Иако август донесе рекордно висок месечен просек, поскапувањето не запре со почетокот на септември. ADAC на 2 септември регистрирал просечна цена од околу 2,183 евра за литар Super E10, додека дизелот бил на околу 2,232 евра.