Фондот за здравствено осигурување неосновано исплаќал породилно и надоместоци за боледувања за период во кој осигурениците оделе на работа. Ова го покажува последниот извештај на ревизорите за работењето на Фондот во 2021 година. За нив придонеси платиле и Фондот и работодавецот. Фондот, по изготвувањето на решенијата за боледувања, не вршел контрола при одобрувањето на понатамошните месечни исплати на надоместокот. Ревизорите утврдиле дека од родилките и од вработените, кои неосновано биле исплатени, било побарано да ги вратат парите. Го вратиле нето-износот, но придонесите останале двојно наплатени, корекција за нив не била направена, пренесува Макфакс.
„Во текот на 2021 година на сметката на Фондот од страна на осигурениците вратени се 1.586 илјади денари по основ неосновано/повеќе исплатен надоместок за привремена спреченост за работа, од кои најголем дел е по основ породилно отсуство. Вратените средства од страна на осигурените лица се во нето-износ на надоместокот, а за двојно платените придонеси не се врши корекција, иако постои можност за исправка на пресметката за исплатениот надоместок од Фондот во системот за интегрирана наплата на придонеси на УЈП, што не е во согласност со Законот за здравственото осигурување и влијае Фондот да исплатува неосновано/повеќе средства за надоместоци од законски предвидените“, стои во извештајот на ревизорите.
Ревизорите откриле и родилки кои предвреме се вратиле на работа, а тоа не го пријавиле во Фондот и земале плата и од Фондот и од работодавачот
Подрачните единици на Фондот кога ги барале парите назад, не ги евидентирале побарувањата, па ревизорите утврдиле дека не може да се потврди висината на вкупно побараните средства по тој основ, што оставило простор за субјективизам при постапувањето.
За ваквата состојба ревизорите заклучиле дека влијае и тоа што во софтверското решение на УЈП за интегрирана наплата на придонесите нема вградена контрола, која ќе спречи за еден ист осигуреник за ист период да бидат поднесени две месечни пресметки, и од работодавецот и од Фондот, односно да спречи истовремено да се исплати и плата и надоместок на плата вклучувајќи ги и придонесите од нив.
Утврдиле и случаи во кои родилките предвреме се вратиле на работа, но тоа не го пријавиле во Фондот, па тој им исплаќал 100 отсто плата истовремено со работодавецот.
Ревизорите препорачале Фондот во соработка со УЈП да преземе активности за воспоставување вградена системска контрола во софтверското решение за интегрирана наплата на придонеси, која ќе оневозможи за ист осигуреник за ист временски период да биде исплатена и плата од работодавецот и надоместок на плата од Фондот.
Ревизорите препорачале органите на управување и раководење на Фондот да преземат активности за воспоставување контрола на користењето на надоместокот на плата, кој е на товар на Фондот, и запирање на неговата исплата доколку се утврди дека осигуреникот работи и остварува приход, да ја доуредат постапката за начинот на исплата на надоместок на плата за време на привремена спреченост или отсуство од работа, во која ќе се прецизира дека осигуреникот може да поднесе барање за враќање на работа пред истекот на породилното отсуство најдоцна до денот на враќање на работа и да го утврдат износот на неосновано исплатените надоместоци на плата за осигурениците и да ги евидентираат побарувањата и нивната наплата.
Незаконската исплата на боледувања е само една од неправилностите што ги утврдиле ревизорите за работењето на Фондот во 2021 година. Забелешки има и за функционирањето на системот, кој веќе пет дена е под сајбер-напад, има неправилности во изрекувањето казни за јавните и приватните здравствени установи при набавката на лекови што не се на листата на лекови утврдена од Фондот, за лекувањата во странство, за имотот на Фондот и за дел од финансиските извештаи.