Рочиштето за Раде Трајковски Штекли одложено – Обвинетиот бил дезориентиран и неконтактибилен – пренесен на Клиника за неврологија

Рочиштето за Раде Трајковски Штекли и уште девет обвинети за трговија со дрога беше одложено поради здравствени проблеми на првообвинетиот. Судијата Илија Трпков соопшти дека Основниот кривичен суд добил известување од затворот „Скопје“ дека Трајковски бил итно префрлен во Клиничкиот центар, поради дезориентација и губење контакт со околината.

„Според известувањето, обвинетиот имал напади и во текот на вчерашниот ден, а денеска бил однесен во здравствена установа,“ информираше судијата Трпков на јавното рочиште.

Процесот беше закажан за 10:00 часот, но поради новонастанатата состојба, рочиштето беше поместено за по 11:00 часот. Доколку лекарскиот преглед заврши навреме, постои можност обвинетиот да биде спроведен во судот.

Трајковски и уште девет лица обвинети за трговија со кокаин и марихуана

Обвинението беше поднесено кон крајот на мај, по обемна истрага од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Трајковски и уште деветмина се товарат за организирана трговија со наркотични дроги во Скопје.

„Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година обвинетите како повеќе лица се здружиле во криминална група која на територијата на град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги – кокаин и марихуана. Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4 500 до 6 000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи. Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни,“ соопштија од ОЈО ГОКК на 27 мај.

Претходно беа опфатени 17 осомничени. Седум се спогодија и добија казни од три до три години и шест месеци. Останатите десет, вклучувајќи го и Раде Трајковски Штекли, остануваат предмет на судење.

Притвор од јануари и неуспешни обиди за ликвидација пред апсењето

Раде Трајковски Штекли беше приведен на 19 јануари, а ден подоцна му беше одреден 30-дневен притвор. По поднесувањето на обвинението, притворот му беше продолжен.

Во истрагата беа вклучени и безбедносни податоци за претходни напади врз Трајковски. Во еден случај во него беше пукано додека се наоѓал во трговски центар. Во друг случај, експлозивна направа беше фрлена во дворот на неговата куќа во населбата Ќерамидница.