Рокас: Потребно е внатрешно обединување за напредок кон ЕУ
Евроамбасадорот во земјата, Михаил Рокас, порача дека вратата на Европска Унија е ширум отворена за Северна Македонија и дека постои целосна поддршка за членство. Тој истакна дека во овој момент е неопходно обединување во државата, во кое ќе бидат вклучени Владата, опозицијата, Собрание на Република Северна Македонија, граѓанското општество, бизнис-секторот и младите, со цел да се забрзаат реформите и да се надминат пречките на патот кон Унијата.
Зголемена поддршка за членство и доверба во ЕУ
Говорејќи на промоцијата на истражувањата „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025)“ и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“, одржана во Собранието, Рокас оцени дека иако дел од граѓаните надворешните фактори ги гледаат како пречка, внатрешното обединување може да ги надмине останатите проблеми. Тој нагласи дека поддршката за членство во ЕУ е зголемена за 10 проценти, од 61 на 71 отсто, при што особено е значајна зголемената поддршка кај младите и намалувањето на разликите меѓу етничките заедници и политичките партии. Рокас додаде дека ЕУ останува партнер со најголема доверба, главен економски партнер и донатор, како и дека расте бројот на граѓани кои веруваат дека земјата ќе стане членка на Унијата.
Дрекслер: Перцепцијата и кредибилитетот на процесот се клучни
Амбасадорката на Германија во земјата, Петра Дрекслер, истакна дека е важно да се следи перцепцијата на населението за процесот на пристапување во ЕУ преку долгорочни и методолошки кохерентни истражувања. Таа нагласи дека геополитичките дискусии, вклучително и оние во Давос, укажуваат на период на тектонски промени со сериозни импликации за безбедноста и иднината на Европа, при што силата на Унијата лежи во нејзината единственост, конкурентност и безбедност. Дрекслер оцени дека е охрабрувачко што е запрено намалувањето на довербата кај граѓаните и дека кредибилитетот на процесот на пристапување е зајакнат, благодарение и на планот за раст и реформските агенди, додавајќи дека за граѓаните членството не значи само економски придобивки, туку и чувство на припаѓање и зајакнување на владеењето на правото.
