– Знам дека многумина од вас се разочарани од ЕУ, од она што се случи во минатото. Но, можеме да кажеме дека Албанија, исто како и Северна Македонија, постигнаа многу. Очекуваме Европската комисија да донесе позитивна одлука, рече Рот на заедничката прес конфренција со Рама.
Сепак, додаде тој, „има уште многу да се направи: правна држава, функционален правосуден систем… “.
Министерот Рот го пофали справувањето со пандемијата со Ковид-19 во Албанија и истакна дека „мора да се поддржуваме едни со други“.
– Мерките за изолација не ни помагаат, сите треба да се поддржуваме едни со други. Заедничката стратегија е поддршката да биде реципрочна. Ветувам поголема ангажираност од сите држави. Ако Албанија е успешна, тогаш тоа е и наш успех, важно е да се отстранат предрасудите, додаде Рот.
Тој не заборави да му честита на Еди Рама за победата на парламентарните избори на 25 април.
– Изразувам честитки до премиерот, кој со својата партија постигна многу добар резултат. Потребни ни се храбри политичари кои се подготвени да градат мостови, рече тој.
Премиерот Рама на заедничката прес конференција оцени дека Албанија многу долго чека пред вратата на ЕУ, но оти „сега тој е смирен, бидејќи Албанија ги заврши своите обврски“.
– Чест ми е да примам пријател на Албанците, адвокат на европскиот пат. Оваа посета се случува во пресрет на едно време кога ЕК ќе донесе одлука за Албанија и Северна Македонија. Албанија долго чека пред вратите на ЕУ, но сега ги исполни сите свои задачи одлука за отворање преговори и одржувањето на конференцијата е едноставно. Само прашање е на Европскиот совет, во време кога се чувствува позитивен тренд, да донесе одлука. Но, да не се соочиме со уште едно изненадување од балканскиот свет поврзано со ќор-сокакот помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Се разбира, можам само да ја повторам истата работа, да кажам со убедување и факти, според нас, дека ние мора веднаш да го отвориме процесот и ЕУ мора да ја спроведе одлуката што ја донесе со одобрување на рамката и свикување на конференцијата. Сега не знаеме дали тоа ќе се случи, зашто тоа зависи од тоа колку ќе се реши ќор-сокакот со Северна Македонија и Бугарија, рече меѓу другото Рама.
Тој упати критики на адреса на ЕУ, во врска со движењето на луѓето поради видот на вакцина што ја примиле, како и за се уште недонесената одлука за визна лберализација за граѓаните на Косово. За ова прашање, Рама рече дека Европската унија го држи во заложништво Косово и направи паралела со шаховска игра, велејќи дека една од фигурите го блокирала движењето на еден војник.