Заменик началникот на украинската воена разузнавачка служба, Вадим Скибицки, проценува дека од февруари, кога почна војната во Украина, Русија произвела најмалку 240 крстаречки ракети Кх-101, што се испалиуваат од воздух, како и околу 120 крстосувачки ракети Калибр што се лансираат од море. Скибицки вели дека таквото производство било извршено и покрај западните санкции кои имаат за цел да ги намалат способностите на Москва за производство на оружје.

Според проценката на Киев, потенцијалното месечно производство на Москва е околу 40 нови ракети секој месец.

Во интервју за „Њујорк тајмс“, Скибицки вели и дека Русија веројатно има доволно ракети „за уште три до пет бранови напади“, со „80-90 проектили во еден бран“.

Коментарите на Скибицки доаѓаат две недели по извештајот од 5 декември на „Conflict Armament Research“ (КАР), британски независен тинк-тенк кој го следи нелегалното оружје во конфликтите, кој открива дека некои од крстаречките ракети што ги користела Русија во нејзините напади врз Украина биле произведени во октомври или подоцна.

„Тајмс“ тогаш објави, повикувајќи се на истражувач на КАР, дека способноста на Русија да продолжи со производство на напредни наведувани ракети „сугерира дека нашла начини да добие полупроводници и други материјали и покрај санкциите или, пак, дека имала значителни залихи на компоненти пред почетокот на војната“.