Генералниот секретар на Алијансата порача дека поддршката за Украина мора да продолжи

НАТО нема намера да отстапи пред руските закани, а секој евентуален напад врз земја-членка на Алијансата би бил сериозна грешка на Москва, порача генералниот секретар Марк Руте по состанокот на министрите за одбрана во Брисел. Тој оцени дека војната во Украина останува клучен безбедносен предизвик и нагласи дека Киев и натаму треба да ја има поддршката од сојузниците.

Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин треба да одлучи дали ќе учествува во мировните преговори за Украина, а дотогаш НАТО мора да продолжи со воената помош за украинската страна.

„Гледаме дека Украина ја држи линијата на фронтот, иако во последно време не врати многу територија, но, предизвикува штета на руската енергетска и воена инфраструктура“, истакна Руте.

Европските сојузници издвоиле дополнителни 139 милијарди долари за одбрана

Руте посочи дека 75 проценти од руските даночни приходи се користат за воени цели, предупредувајќи дека тоа ја покажува насоката во која се движи руската политика.

Воедно, нагласи дека земјите-членки на НАТО, без Соединетите Американски Држави, минатата година вложиле дополнителни 139 милијарди долари во одбраната, што, според него, претставува значајно зајакнување на европскиот безбедносен капацитет.

НАТО минува низ најголемата трансформација досега

Осврнувајќи се на најавите за можно намалување на американското воено присуство во Европа, генералниот секретар оцени дека Алијансата веќе се приспособува на новите глобални околности.

„Алијансата минува низ можеби најголемата трансформација досега. Отсекогаш знаевме дека постои можност американските сили да бидат потребни на друго место во светот. Оваа промена ги зајакнува одбранбените планови на НАТО и ги прави пореални“, наведе Руте.