САД одобрија продажба на воени авиони за полнење гориво во воздух на Катар, во договор вреден повеќе од 4,5 милијарди долари. Одлуката ја соопшти американскиот Стејт департмент.

Катар побара до четири авиони КЦ-46А, кои ќе бидат опремени со сензори за противракетна одбрана. За договорот е известен и американскиот Конгрес, кој треба да даде конечно одобрение.

Според Вашингтон, целта на продажбата е „да се зајакне безбедноста на стратешкиот регионален партнер“. Воедно, со договорот треба да се подобри способноста на Катар да се справи со сегашните и идните закани, како и неговата оперативна компатибилност со силите на САД и нивните сојузници.

Катар е меѓу посредниците во преговорите меѓу Техеран и Вашингтон, кои во моментов се во мирување, како и во конфликтот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Во Катар се наоѓа воздухопловната база „Ал Удеид“, најголемата американска база во регионот. Базата беше нападната од Иран како одговор на израелско-американското бомбардирање.

Неодамна Катар му подари на американскиот претседател Доналд Трамп нов авион.