Во соопштението на Министерството за финансии се наведува дека се воведуваат санкции за бизнисменот Васил Крумов Божков, поради планови за обезбедување канали за руските власти да влијаат на бугарската влада, пренесува Ројтерс
Санкции се воведени и за Делјан Славчев Пеевски, поранешен пратеник и Илко Димитров Жељазков, поранешен владин функционер и за 64 компании во сопственост или под контрола на тројцата бизнисмени.
-Корупцијата не само што ги лишува граѓаните од ресурси, туку може да ги загрози институциите чија цел е да ги заштитат. Со овие санкции, ние покажуваме дека сме посветени на борбата против корупцијата, каде и да е , рече Андреа Гацки, директор на Канцеларијата за контрола на странски фондови во Министерството за финансии на САД.
Санкциите на Министерството за финансии го блокираат пристапот до поединците и компаниите од црната листа до финансискиот систем на САД, замрзнувајќи ги нивните средства во САД и забранувајќи им на Американците да прават деловни активности со нив.
ЕУ долго време врши притисок врз Бугарија, која е членка од 2007 година, да се справи со длабоко вкоренетата корупција и да се подобри владеењето на правото.