Двете испразнети места во Уставниот суд ќе бидат пополнети до крајот на август, со што треба да се надмине застојот во работата на Судот, кој во моментов функционира со само седум судии. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, Ѓорѓија Сајковски, за весникот „Вечер“ најави дека изборот ќе биде завршен во текот на следниот месец.
– До крајот на август, изборот ќе биде завршен – изјави Сајковски, како одговор на новинарското прашање на весникот „Вечер“.
Во тој период пратениците треба да гласаат за веќе доставениот предлог на Судскиот совет за избор на апелациската судијка Мери Дика-Георгиевска за нова уставна судијка. Истовремено, Собранието треба да предложи и кандидат кој ќе го замени досегашниот судија Гоце Наумовски, кој неодамна поднесе оставка од функцијата. Предлогот за негов наследник треба да дојде од редовите на Собранието.
Со изборот на двајцата нови судии треба да се комплетира деветчлениот состав на Уставниот суд и да се надмине застојот во неговата работа. Судот сега има седум членови и во повеќе предмети не може да донесе полноважни одлуки бидејќи не може да се обезбеди мнозинство од пет гласа „за“, колку што е потребно за донесување конечна одлука.
Во изминатите месеци се отвори и прашањето зошто Собранието сè уште не ја избрало Мери Дика-Георгиевска. Судскиот совет ја предложи апелациската судијка за нова уставна судијка во март годинава, но постапката оттогаш не е завршена.
Точката за избор на Дика-Георгиевска беше ставена на дневен ред во Собранието во април, но гласањето не се одржа бидејќи на седницата не присуствуваше претставник на Судскиот совет кој требаше да го образложи предлогот. По одложувањето немаше нов обид точката повторно да биде ставена на дневен ред, иако Собранието одржа десетици седници, а Судскиот совет продолжи редовно да функционира.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, за весникот „Вечер“ изјави дека од Советот тогаш не знаеле дека треба да го образложат предлогот пред пратениците.
– Ние тогаш го доставивме предлогот за судијката заедно со образложението и сметавме дека тоа е доволно. Пречка ни тогаш немаше, а сега чекаме да нè викнат да присуствуваме на седницата на која ќе се гласа за да го образложиме предлогот. Во секој момент досега можевме да дојдеме на седницата – ни рече Камбовски.
Уставниот суд во овој период е на летен одмор и не закажува седници, поради што одлучувањето за предметите што се во застој може да продолжи дури во есенскиот период. Меѓу нив е предметот за оспореното платено политичко рекламирање во Изборниот законик.
Судиите подолго време чекаат да одлучуваат и за предметот поврзан со Законот за употреба на јазиците, кој сè уште не е ставен на седница. Минатата година Судот оформи предмет и за оспорениот Протокол од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, донесен на 17 јули 2022 година во Софија, за кој подносителите на иницијативата бараат поништување. Се чека и одлуката за долговите на општинските и државните јавни претпријатија, кои достигнуваат до една милијарда евра.
Доколку судиите не донесат одлуки за овие предмети во кус рок, Уставниот суд повторно ќе се соочи со намалување на својот состав. На 11 јануари 2027 година им завршуваат мандатите на судиите Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, кој во моментов е претседател на Судот. Во тој случај, Судот повторно нема да биде комплетен, а постапката за пополнување на испразнетите места би можела да трае со месеци.
