Само во 2022 година над 53.000 наши граѓани се преселиле во Германија. Во 2021 година пак, над 32.000 Македонци се преселиле во Германија, каде според последниот попис од 2022 година живееле 222.000 нашинци, објави Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“, пренесува Фокус.

Цели семејства од Македонија се почесто се решаваат да заминат во Германија и таму да го продолжат животот. Од сите градови на земјава се случува масовно иселување во потрага по подобар стандард и достоинствен живот.

Така на пример, од Неготино и Кавадарци пред три години во Германија се преселија неколку семејства, кои сега живеат во мало место во близина на Дортмунд, а во меѓувреме успеале да им помогнат на повеќе нивни сограѓани и да им обезбедат работа и сместување, па така нивниот број годинава значително се зголемил.

Дел од нив за ,,Фокус” појаснуваат дека со олеснувањето на процедурите за остварување на право за работа во Германија им се пружила шанса која не сакале да ја пропуштат. Најчесто прво мажите заминувале во Германија, а откако ќе обезбеделе работа и сместување, по нив доаѓале и сопругите и децата.

-Повеќето од нас работат во транспортни фирми, како превозници, а некои и во фабрики за производство на храна. Жените пак, освен во фабрики, работат и во локали каде се приготвува и продава брза храна, но и како хигиеничарки. Познавањето на германскиот јазик значи многу, па затоа уште пред да заминеме, многу од нас посетуваа курс по германски јазик. Колку подобро зборуваш, толку се поголеми шансите да добиеш подобра, односно повеќе платена работа. Работиме, но наоѓаме време и да се дружиме. Не има од цела Македонија, како и од поранешните Југословенски републики, функционираме како мала заедница и сме тука едни за други- појаснуваат нашинците.

 

Раскажуваат дека едно семејство со две плати без проблем може да си дозволи изјнајмување на опремен стан, да има достоинствен живот, а и да заштеди. Во Македонија, едно семејство со две просечни плати, без дополнителни приходи, велат дека не може да си дозволи квалитетен живот.

-Култура, човекови права, станови кои се удобно опремени и најважно од се, овде се цени нашиот труд кој е солидно платен. Веднаш се забележува дека на улица не можеш да сретнеш бездомно животно, има огромна грижа за животните, што е еден од показателите за тоа какво е едно општество, се има одговорно сопствеништво и вообичаени се сликите кога сопственици си ги носат своите миленици и во локали. За младите, никој не се осмелува да продаде цигари или алкохол на малолетни лица! Значи децата и младите кои се уште не направиле 18 години се посебно заштитени. За средената инфраструктура и за градската хигиена нема потреба да кажуваме, светлосни години се пред нас. Административни процедури се завршуваат без малтретирање, секој работи според своите способности, компетентни лица се поставуваат на функции за кои се квалификувани -раскажуваат тие.

За враќање назад, велат дека не помислуваат, освен за да дојдат на летување и да се видат со блиските. Многу од нив се во своите четириесетти и педесетти години и во семејното огниште ги оставиле своите родители, пензионери.

-Старите останаа дома, имаат пензија која им е доволна за да преживеат. Да, со пензииите тие преживуваат, додека пак германските пензионери буквално живеат, имаат социјален живот, можат да си дозволат одмори, ручек во ресторан, имаат квалитетна старост. Нашите стари луѓе, уште во шеесеттите години изгледаат измачено, овде ситуацијата е поинаква, добриот животен стандард се отсликува на лицата на луѓето. Разделбите се тешки, но ова го правиме за доброто на нашите деца, да им обезбедиме економска сигурност, а секако огромно влијание има и тоа што сега сме во средина каде не е важна партиска припадност за добивање на работа или било какви привилегии. Кој вредно работи, ќе заработи, и така треба да биде секаде – појаснуваат тие.

Повеќето од нив планирале да останат во Германија се до пензија, а потоа да се вратат назад, за да можат да имаат достоинствен живот на стари години, со повисока, германска пензија. Сепак, велат дека тоа најмногу зависи од нивните деца, бидејќи ако децата им останат во Германија, не би сакале на старост да бидат разделени од нив.

Берлин, Штутгарт, Бавариа, Хановер… се области во кои живеат најголем број на Македонци во Германија. Бројката од над 85.000 нашинци кои само во 2021 и 2022 година го напуштиле родното огниште и се преселиле, самата по себе е застрашувачка.

Се уште не се објавени податоци колку Македонци заминале во Германија од почетокот на оваа година, но се претпоставува дека бројките уште повеќе ќе растат.