СДСМ бара повлекување на, како што велат од партијата, „криминалниот закон за Скопје 2028“. Законот што денеска беше на предлог дневниот ред, како што рече пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, е повлечен, но, тој сепак останува во собраниска процедура, што, според неа значи дека на некоја нова седница тој повторно ќе се најде на дневен ред.
„Отткако е добиена оваа титула во септември 2023 година и откако беше воспоставен начинот на функционирање, управување и обајавување на повици, со доаѓањето на ВМРО-ОКГ на власт во 2024 година целиот процес застана. Зошто? Најверојатно овој предлог-закон се смислуваше 2 години. Слично толку време се смислуваше и Скопје 2014“, рече на прес-конференцијата Костадиновска-Стојчевска.
За жал, престижната титула Европска престолнина на културата Скопје 2028 за ВМРО ОКГ, вели таа, стана нов начин на перење пари.
„ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидува да протне закон со кој ќе ги заобиколи правилата за јавни набавки и ќе отвори простор за нови милионски тендери без контрола. Подготвиле закон со кој 21 милион евра јавни пари ќе можат да се трошат без примена на Законот за јавните набавки, без тендер. Преку основање Фондацијата што наводно треба да го реализира проектот ‘Скопје – Европска престолнина на културата 2028’. Со овој закон се создава опасен преседан чија цел е пумпање на парите на граѓаните и богатење на поединци“, рече Костадиновска-Стојчевска.
СДСМ и колацијата, нагласи, бара итно повлекување на овој закон кој значи легализација на корупција.
„Никој нема право да биде над Законот за јавните набавки, особено кога станува збор за десетици милиони евра пари на граѓаните“ – истакна пратеничката на прес-конференцијата.
Најтажен момент во цел овој процес, според неа, е што уметниците, кои го донеле признанието „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, не биле ниту препознаени, ниту спомнати, ниту вистински вклучени во предлог-законот и останаа непрепознаени и неспомнати.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак на неговата денешна прес-конференција објави дека „предлог-законот за спроведување на проектот Скопје – Европска престолнина за 2028 година“ ќе се разгледува кога ќе се создадат услови за тоа.
Тој беше прашан за коментар за симнувањето од дневен ред на Законот за прогласување на Скопје – Европска престолнина за 2028 година.
„Согласно она, што како пратеници и она што е очекување на сите граѓани, а тоа е Скопје да биде Европска престолнина за 2028 година, се направи одредено законско решение коешто денес беше поднесено од страна на пратеници. Истото беше најавено, на денешната седница, беше ставено како точка на дневен ред. По реакции од опозицијата, на вонредна координација којашто се одржа во текот на самата седница, и врз основа на заеднички разговори донесена е одлука, поради дополнителни разгледувања и поради барање на опозицијата како и надминување на одредени работи коишто им се нејасни во самото законско решение, истата да биде повлечена денеска од дневен ред“, рече Мицевски.
Тој додаде дека законот постои во собраниска процедура, но, ќе се разгледува после одморите, или кога ќе се создадат услови за тоа.

