Во продолжение интегрален текст од соопштението на СДСМ:

Потребата од достоинствено вреднување на трудот на наставниците е јасна и за тоа секој има разбирање.

Но, најдобриот интерес на учениците е и треба да продолжи да биде врвен приоритет на секого, особено сега кога после ковид пандемијата се обезбеди континуитет во наставата.

Наставниците треба интересот на децата да го стават на прво место а решенијата да се бараат преку социјален дијалог.

Особено што во изминатите 4 години, токму преку дијалог, платите во образованието и во детската заштита СДСМ ги зголеми од 3.200 до 6.400 денари.

Наставник во основно образование денес добива повисока месечна плата за над 3.200 денари, додека воспитувачките во градинките имаат плати повисоки за над 6.000 денари, споредено со периодот од пред четири и пол години, односно во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај растот на платите, инвестиравме и во нови работни места. Во овој период во градинките се вработени над 1.000 воспитувачки, негувателки и помошен персонал а нивните договори ги трансформиравме на неопределено време.

Покажавме дека го цениме и вреднуваме трудот на оние коишто со години работеле со договори, на определено време и со драстично помали плати во времето на ВМОР-ДПМНЕ.

Со Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, закон кој ВМРО-ДПМНЕ цела година го блокира, обезбедуваме трансформација на работните односи и трајни вработувања за околу 4.700 наставници и стручни соработници во основното и средното образование.

Ако овој Закон се усвоеше при неговото поднесување, сега платите на наставниците ќе беа зголемени. Дополнително 4.700 наставници и стручни соработници ќе добиеја економска сигурност на работните места.

Ја покачивме минималната плата, двојно од времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите овие политики ги носевме низ дијалог со синдикатите, работниците и надлежните институции.

Така и ќе продолжиме, низ дијалог ќе најдеме решение со СОНК кое ќе биде во интерес на наставниците, на учениците и нивните родители.

Затоа, апелираме до СОНК и наставниците, да се водат од интересите на учениците, зголемувањето на платите во образованието и детската заштита да се реализира преку решение до кое ќе се дојде со дијалог.