Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Саше Тасевски, присуствуваше на настан во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, по повод одбележување на Денот на формирање на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.
Присутни беа и началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје, Кире Даневски, командантот на Единицата за интервентна полиција, Дејан Несторовски, како и припадниците на Единицата за интервентна полиција кои реализирале демонстрација на тактичко-показна вежба.
Она што е неспорно и евидетно е дека формирањето на Единицата за интервентна полиција во изминативе три години постоење сосема ја оправда својата намена и цел: оперативна мобилност и широк оперативен опфат, координираност, професионалност а се во насока на поглема функционалност и ефикасност на севкупниот полициско-безбедносен систем на подрачјето на главниот град. Како во смисол на спроведување на законите на сите нивоа, односно домени на надлежности така и во поглед на остварување на зацртаните проекции и планови на секторот за внатрешни работи Скопје, истакна Тасевски во своето обраќање.
Како што соопштија од МВР, тој упати благодарност на колегата Примислав Димовски, како еден од иницијаторите за формирање на Единицата.
Тасевски се осврна на релативно брзото, а успешно структурно прилагодување на Единицата согласно стандардите на истородните полициски формации, профилирајќи ја својата оперативна функционалност и кординираност како незаобиколен сегмент од организационата структура на СВР Скопје.
Таквото нејзино позитивно позиционирање сугерира дека не само што била правилна одлуката за нејзино формирање, туку згора на тоа укажува на неопходноста од вложување во модернизирање и надградување на нејзините капацитети за натамошно ефикасно справување со сите облици на криминално делување, изјави Тасевски.
Тој истакна дека аналитичко-статистичките податоци за многустраните активности на Единицата во разните сфери на справување со криминалот говорат за квалитетниот капацитет и перформанси во справувањето со криминалот на подрачјето на Скопје.
Колку за илустрација ако го земеме предвид обемот на разните контролни и други оперативни активности на припадниците на Единицата само во текот на оваа година, до месец декември, а којашто како бројка на конкретни поединечни постапувања надминува 31.000, тогаш веќе се стекнува сосема јасен впечаток за еден би рекол голем функционален квантитет на активности подредени на примарната задача на министерството – безбедност и сигурност на сите наши граѓани, потенцира Тасевски, констатирајќи дека Единицата за интервентна полиција веќе се етаблира како кредибилна и квалитетна организациона структура во рамките на СВР Скопје.
Тасевски во свое и во име на БЈБ при МВР упати честитки до припадниците на Единицата за интервентна полиција, по повод јубилејот Денот на формирањето на Единицата, со надеж за натамошни добри резултати.
Командантот на Единицата за интервентна полиција, Дејан Несторовски, додели благодарници на припадниците на Единицата по повод јубилејот од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.