Седницата ќе се одвива според вообичаената процедура за пратенички прашања, а предност ќе имаат пратениците од опозициските ВМРО – ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Левица.

Секое трето прашање на седницата, која ќе започне во 11 часот, како што е најавено, ќе биде од пратениците од владејачкото мнозинство од СДСМ и од ДУИ.

Седници ќе имаат и две собраниски комисии.

Предлог – законите за изменување и дополнување на законите за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, за консолидација на земјоделско земјиште, за вршење на земјоделска дејност, за селекционерски права, за пасиштата и за сточарството, сите во второ читање, се на дневниот ред на Комисијата за земјоделство. Пратениците ќе расправаат и по Предлог-измените на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од коронавирусот врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, по скратена постапка. Најавена е и расправа по Предлогот на закон за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка.

Законодавно-правната комисија на седницата ќе расправа по Предлогот на закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, во прво читање, како и
по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за управна инспекција, по скратена постапка. На агендата стои и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, во второ читање.

Членовите на Законодавно-правната комисија треба да дискутираат и по Предлогот на закон за лобирање, во второ читање.

Меѓу точките на дневниот ред се и Предлог – закон за изменување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Предлог – закон за изменување на Законот за експропријација, како и Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, сите во второ читање.

На седницата на Законодавно-правната комисија, најавена е и дискусија по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од коронавирусот врз производството, откупот на грозје и винската индустрија, по скратена постапка.