Премиерот Христијан Мицкоски избегна да коментира дали одржувањето на седница на Судскиот совет во исто време кога парламентот расправа за интерпелацијата на петмина негови членови значи непочитување на работата на законодавниот дом.

„Членовите на Судскиот совет нека си ја тераат својата работа, парламентот си има своја работа. Јас би ги одвоил тие две активности и не би сакал да коментирам дали тоа значи почитување или непочитување на одлуката на парламентот. Да почекаме да се изјаснат пратениците, па потоа можеме да коментираме“, изјави премиерот.

Судски совет го игнорира парламентот?

Дебатата околу почитувањето на институционалниот поредок продолжува, бидејќи Судскиот совет не покажува намера да ја прекине својата седница, иако во исто време Собранието одлучува за нивната судбина.

Ова отвора прашање за тоа дали Советот сака да демонстрира независност или, пак, да избегне соочување со политичката реалност.

Разрешувањето на Коцевски

Освен интерпелацијата за петтемина членови на Судскиот совет избрани од Собранието, Владата иницираше и постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Коцевски јавно изјави дека не чувствува одговорност за било каква професионална грешка, но премиерот јасно даде до знаење дека не се согласува со него.

„Јас апсолутно не се сложувам со неговото мислење, но одлучуваат тие што го избрале – тоа се пратениците во Собранието“, рече Мицкоски.

Предлогот за разрешување на Коцевски моментално е пред Советот на јавни обвинители, кој треба да формира мислење, по што случајот ќе дојде на гласање пред парламентот.

Премиерот нагласи дека многу малку судии и обвинители работеа за претходната власт, но нивното влијание било клучно во кочењето на правдата.

„Тоа време заврши. Целта на оваа влада е да го врати интегритетот на правосудниот систем“, порача Мицкоски.

Судскиот совет како центар на политичката битка

Судскиот совет станува клучна институција во престојните судски реформи, соочен со интерпелација, политички притисоци и можни кадровски смени. Владата инсистира на промени, додека опозицијата тврди дека се врши обид за контрола врз правосудството.

Исходот од гласањата во парламентот и работата на Советот ќе покаже дали судството ќе се ослободи од политичките влијанија или ќе стане уште пополаризирано.