Гласноговорникот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека изработката на смарт-картичките за пропуштање на српските вопзила на патарините ќе чини 100 денари по парче.
Владата на вчерашната седница донесе одлука, во знак на благодарност кон Србија за бесплатната вакцинација и донираните дози, да издвои 2,9 милиони евра за 200.000 смарт-картички за српските возила кои ќе транзитираат од „Табановце“ до „Богородица“ и назад од 15 јуни до 15 август.
„Во однос на пресметката за тоа колку ќе заштетадат, многу е чиста работата тука – 760 денари ќе има на секоја од картичките, колку што чини транзитот по Коридор 10 низ Северна Македонија Изработката на картичката е 100 денари, значи по возило трошокот е 860 денари“, објави Арсовски.
Пресметките за тоа дека ќе поминат околу 200.000 се направени преку анализи на поминати возила во претходните години.
„Ако се земе предвид фактот дека минатата година поради пандемијата со Ковид-19 границите речиси да беа цело време затворени, споредбата е направена од 2019 во која имаше рекорден приход од наплата на патарина. Бројката е извлечена од таа анализа. Во однос на изработката, за тоа е задолжено Јавното претпријатие за државни патишта“, додаде Арсовски.