Иако сме во опозиција, доаѓаме со исполнети ветувања, рече лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на синоќешниот партиски собир во Боговиње, алудирајќи на Законот за државјанство.
–Дали некогаш сме ве излажале? Дали ги исполнивме ветувањата што ги дадовме? Овие треба да бидат основните вредности на демократиите и тие треба да бидат основните вредности во трката во која се појавуваме и се натпреваруваме. Пред една година дојдовме и ви понудивме програма и платформа. Денес, по една година, иако сме во опозиција, доаѓаме со исполнети ветувања. „Да, да, оваа коалиција, заедно со пратениците што ги има, успеа да го донесе Законот за државјанство, рече Села од Боговиње.
Тој ја обвини владејачката ДУИ дека присвоила сè што можела – од обвинители до полициски началници, како и дека се обидува да си ги припише на себе заслугите што ги имаат градоначалниците од опозицијата. На изборите на 17 октомври, пак, рече Села, тие ќе паднат од височините во кои летаат.
-Лошо ќе им ги ’скршите носевите‘ затоа што колку повисоко си, толку е потешко кога паднеш. Не само во Боговиње и Врапчиште и Гостивар, туку лошо ќе им ги ’скршите носевите‘, од Липково до Струга, затоа што овој народ толку издржува.