Шест пожари на отворен простор во моментов се активни во земјава, а неколку од нив се посложени за гаснење. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, предупреди дека опасноста од појава и ширење на пожарите и натаму е висока.
Најкомплексна е состојбата во реонот на Рамно, на територијата на Општина Чучер-Сандево. На оваа локација гори ниска вегетација, папрат, трева и грмушки, додека на одредени места пламенот ја зафаќа и шумската подлога.
„Пожарот се движи по земјата и ја зафаќа лисната и тревната подлога, поради што се создаваат големи количини чад. Силниот ветер го насочува чадот кон Скопје и околните населени места на падините на Скопска Црна Гора“, истакна Ангелов.
Во справувањето со пожарот кај Рамно се вклучени скопските пожарникари, неколку противпожарни тимови на ДЗС и припадници на Армијата. На критичните точки дејствува и полициски хеликоптер, со цел да се спречи натамошното ширење на огнот.
Според информациите од Ангелов, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор. Најголемиот дел од нив биле изгаснати благодарение на интервенциите на пожарникарите и на другите служби ангажирани во справувањето со огнените стихии.
Активен останува и пожарот над селата Грачани и Никиштане, кој се спушта кон реката Лепенец. Интензитетот на огнот е намален, а според очекувањата, пожарот во текот на денешниот ден треба да биде ставен под целосна контрола.
Повторно се активирал и пожарот на подрачјето меѓу Струга и Дебар, во атарите на повеќе села. На терен интервенираат пожарникарите од Струга.
Пожари сè уште има и во атарот на селото Тајмиште во Општина Кичево, како и кај селото Белица во Општина Македонски Брод. На овие локации гаснењето е отежнато поради исклучително тешкиот и непристапен терен.
Директорот на ДЗС повторно апелираше до граѓаните да покажат крајна внимателност, особено поради најавените високи температури и засилениот ветер.
„За денеска се најавени високи температури и засилен ветер. Доволна е само една искра за да предизвика сериозна катастрофа, затоа апелирам до сите граѓани одговорно да се однесуваат и да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожар“, порача Ангелов.
