Демонтажата ќе ја вршат екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните неколку недели, и тоа на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата во својство на должник во извршната постапка. Увид во активностите за отстранување на овој објект денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
– Станува збор за целосно демонтирање, вадење прво на движните ствари кои што се наоѓаат внатре, а потоа демонтажа и на самата галија. Со ова, како континуитет на политиките што јас ги креирам како градоначалник, започнуваме со поизразено расчистување со криминалниот и подмолниот проект „Скопје 2014“. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави кои може да нанесат сериозна материјална штета и да ги загрозат животите на скопјани, рече градоначалникот Шилегов.
Тој се заблагодари на граѓаните за покажаното трпение, зашто заради правните постапки и процедури се доцнеше со отстранувањето на галијата.
– Одлучив така да работиме, зашто ваквото отстранување на галијата нема да претставува никаква финансиска опасност за Градот, дури и отстранувањето што ќе го вршат „Улици и патишта“ ќе биде на сметка на фирмата корисник, објасни Шилегов.
Според студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.