Некои од мерките ќе опфаќаат строго ограничување на пристапот на невакцинираните лица на јавни места и обврска за работа на далечина, соопшти федералната Влада.

– Само на вакцинирани или луѓе кои прележале сега ќе им биде дозволен влез во ресторани, културни објекти и спортски и забавни објекти, како и на настани во затворен простор, се вели во соопштението на Федералниот совет.

Во Швајцарија, овие мерки се нарекуваат 2G, од германските зборови „genesen“ (излекуван) и „geimpft“ (вакциниран).

Со приближувањето на божиќните празници, кои во Швајцарија вообичаено се слават во кругот на семејството, приватните собири ќе бидат ограничени на 10 лица, меѓу кои и деца, доколку еден од гостите кој наполнил 16 години не е вакциниран или не прележал.

Според федералните власти, овие мерки треба да го спречат ширењето на заразата меѓу невакцинираните луѓе, „бидејќи полесно го пренесуваат вирусот и имаат поголема веројатност да наидат на компликации кога ќе се заразат“.