Швајцарската влада ставила вето на барањето на Данска да испрати оклопни транспортери од швајцарско производство во Украина, повикувајќи се на својата политика на неутралност според која земјата не испорачува оружје во конфликтните зони, објави швајцарската телевизија „СРФ“.

Телевизијата се повикува на одлука на Државниот секретаријат за економски прашања (СЕКО) кој го отфрлил барањето на Данска за испорака на околу 20 пешадиски борбени возила „Пирања III“ во Украина.

Од Секретаријатот нема коментар по објавата.

Неутралната Швајцарија ги условува земјите што купуваат швајцарско оружје со дозвола доколку планираат реекспорт. Во април СЕКО стави вето на реекспорт на швајцарска муниција за противавионски орудија од Германија во Украина. Секретаријатот го одби и барањето на Полска да испрати оружје набавено во Швајцарија за Украина.

Но, истовремено Швајцарија ја отфрли досегашната практика и се приклучи кон санкциите на Европската унија против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Швајцарија се соочува со досега најголемиот тест по нејзината неутралност, потврден со бројните жестоки дебати во земјата за тоа како да се толкуваат политиките што ја одржаа Швајцарија настрана од двете светски војни во минатиот век.