На редовната неделна прес-конференција на Шведскиот институт за јавно здравје, беше објаснето дека споменатите категории граѓани треба едноставно да останат дома додека не закрепнат во случај на симптоми. Тие можат да се вратат на работа, колеџ или училиште без тестирање, по еден ден од зголемената телесна температура, дури и ако сите симптоми на болеста не престанале.

– За оние кои не се вакцинирани против Ковид -19, се уште постои обврска за тестирање во случај на симптоми. Истото важи и за контактите на таквите луѓе, за вработените во домовите за стари лица, здравствените работници и сите патници што влегуваат во Шведска од земјите од континентална Европа, објасни Карин Тегмарк Висел, заменик на главниот државен епидемиолог Андерс Тегнел.

Оваа одлука е последица на подобрувањето на епидемиолошката состојба во Шведска, која и покрај укинувањето на сите претходни мерки пред две недели, одржува ниска стапка на инфекција и смртност од Ковид-19. Во последните две недели, Шведска има 81 инфекција со коронавирус на 100.000 жители, што ја сместува меѓу десетте европски земји со најниска стапка на инфекција.

– Продолжуваме да го регистрираме ширењето на коронавирусот, но на стабилно и релативно ниско ниво во споредба со претходните периоди. Се спроведуваат околу 140.000 ПЦР тестови неделно, а стапката на позитивни е три проценти, рече Тегмарк Висел.

Веќе ниската стапка на смртност продолжи да опаѓа и по укинувањето на епидемиолошките мерки на 29 септември. Според податоците на ЕЦДЦ, во последните две недели Шведска има петта најниска стапка на смртност во Европа, по Исланд, Лихтенштајн, Луксембург и Холандија. Шведските медиуми особено сакаат да истакнат дека нивната земја со месеци имала подобра епидемиолошка состојба од нордиските соседи Данска, Норвешка и Финска, иако вкупната стапка на смртност од корона од март 2020 година во Шведска е многу пати повисока.

Во шведските болници, 209 пациенти во моментов се лекуваат од заразата, од кои 22 во единиците за интензивна нега. Според Универзитетот Џон Хопкинс, 14.922 луѓе починале во Шведска од почетокот на пандемијата, со стапка на смртност од 145,08 на 100.000 жители, што ја прави Шведска 46-та во светот и 28-ма во Европа.

Речиси 80 проценти од луѓето постари од 16 години се вакцинирани.