Првиот редовен состанок со сите надлежни институции во енергетскиот сектор

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го одржа првиот координациски состанок со претставници на сите надлежни институции од енергетскиот сектор, со цел навремено планирање и обезбедување непречено снабдување со топлинска и електрична енергија за претстојната грејна сезона.

На состанокот, кој се одржа во Министерството, присуствуваа раководствата на ЕСМ, МЕПСО, НОМАГАС, како и претставници на НЕМО, кои ги споделија своите ставови, предизвици и предлози за унапредување на енергетскиот систем и зајакнување на координацијата помеѓу институциите.

Разгледани беа тековните проекти за енергетска инфраструктура, состојбата со обезбедувањето на потребните енергенси, плановите за работењето на берзата за електрична енергија и day-ahead пазарот, како и координацијата за одржување на стабилноста на системот.

Министерката Божиновска истакна дека „клучен приоритет останува сигурното и стабилно снабдување на граѓаните и индустријата во текот на целата грејна сезона“.

За првпат по формирањето на Министерството, Божиновска воведе пракса на редовни координациски состаноци со сите надлежни институции од секторот, со цел навремено информирање и координирање на активностите – практика што досега не постоела.