Порака до верниците

По повод големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица, претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, испрати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите православни верници.

„Култот кон мајката Божја е сведоштво за нашиот непоколеблив дух и вера во неа, како и за важноста на мајчинството, безусловната љубов и семејните вредности. Пресвета Богородица, како заштитничка на мајките и децата, има особено место во нашите храмови и домови, а најмногу, во нашите срца. Не случајно, посетители на бројните цркви и манастири, посветени на Богородица, не се само христијани, туку и припадници на други религии. И годинава, празникот Успение на Пресвета Богородица ќе го поминеме заедно со најблиските“, се наведува во честитката.

Во нејзината порака се истакнува и очекувањето граѓаните да ја надминат духовната и моралната криза и да се вратат кон вистинските човечки вредности.