Признанија за истакнати личности од дијаспората
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова вечерва се обрати на приемот во пресрет на дводневниот Самит на Македонија 2025, при што беа доделени признанија на припадници на дијаспората за нивниот придонес кон татковината.
Признанијата, во соработка со Македонија 2025, се доделуваат на истакнати личности од дијаспората за нивната улога во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни вредности, како и за јакнење на националните и државните интереси и капацитети.
Гордост и поврзаност со татковината
Сиљановска-Давкова нагласи дека и покрај физичката оддалеченост, нашинците во дијаспората остануваат длабоко поврзани со татковината. Таа се осврна и на зборовите на Бернард Шо дека може да се промени сè, но не и татковината.
Таа изрази гордост за македонските професори, лекари, инженери, научници и претприемачи кои изградиле кариери во странство, посочувајќи дека постои потреба од поголема соработка и нивно вклучување во развојните процеси на државата.
Дијаспората и развојот на земјата
Осврнувајќи се на Самитот Македонија 2025, претседателката истакна дека конкурентноста на економијата е поврзана со развојот на човечкиот потенцијал, дигитализацијата и новите технологии.
Таа ја нагласи важноста на соработката со дијаспората не само во економијата, туку и во образованието, науката, културата и спортот, потенцирајќи дека дијаспората претставува сложена, но значајна структура поврзана со татковината преку различни генерации.
Сиљановска-Давкова им честиташе на годинешните добитници на признанијата, истакнувајќи дека нивниот придонес остава траен белег и претставува инспирација за идните генерации.
