Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека новата мултиполарна реалност бара Македонија да ја зајакне проактивната дипломатија и да има јасен, натпартиски надворешнополитички компас.

Сиљановска-Давкова денеска во Скопје се обрати на Амбасадорскиот совет, при што истакна дека во услови на слаб мултилатерализам и растечка мултиполарност се потребни институционални реформи и на меѓународните и на европските структури. Според неа, реформите се неопходни за превенција или брз одговор на безбедносните закани, но и за домашно приспособување кон новите предизвици.

Претседателката укажа дека европската интеграција веќе не е само политичко прашање, туку и стратешки, економски, енергетски, геополитички, безбедносен и демографски императив, како за земјите кандидати, така и за членките.

Таа истакна дека се залага за предвидлив и кредибилен преговарачки процес, кој ќе биде ослободен од билатерални условувања.

Говорејќи за улогата на дипломатската мрежа, Сиљановска-Давкова посочи дека амбасадорите се слика на државата во регионалното, европското и светското огледало. Затоа, како што нагласи, нивната стручност и компетентност, познавањето на земјата домаќин и способноста за застапување на националните интереси се од суштинско значење за кредибилитетот на македонската дипломатија.

Според претседателката, дипломатската професија бара знаење и искуство, но и континуирано следење на политичките, економските и општествените процеси во земјата домаќин и пошироко.

За Сиљановска-Давкова, амбасадорот не треба да биде само претставник кој ги застапува политиките на државата. Тој треба да го разбира и светот на земјата домаќин, да ги препознава промените и да ги детектира ризиците, но и да создава можности за политичка, економска, научна и културна соработка.

Претседателката ја нагласи и потребата од двонасочна и суштинска комуникација меѓу дипломатско-конзуларните претставници, МНРиНТ и претседателот. Таа побара да заживее во собраниската практика законската одредба според која амбасадорите ќе се обраќаат пред надлежната собраниска комисија не само пред заминувањето, туку и по враќањето од мандатот, при што ќе ги презентираат постигнатите резултати.

Сиљановска-Давкова посочи дека е особено важно да се создадат услови младите да останат во земјата. Воедно, таа повика на реални врски со граѓаните кои живеат и работат во странство, но и на градење амбиент што ќе овозможи нивно враќање.

Таа ја истакна и потребата од посилна економска, научна, технолошка и културна дипломатија, како и од поцврсто поврзување со дијаспората, која ја оцени како значаен човечки и интелектуален капитал.

Сиљановска-Давкова оцени дека во период на големи геополитички пресврти на Македонија ѝ е потребна дипломатија која истовремено е принципиелна и прагматична. Според неа, таа треба да биде втемелена во вредности, но и отворена кон новите реалности, односно дипломатија која нема само да ја пренесува државната политика, туку ќе биде нејзин компетентен инструмент способен со знаење и достоинство да го застапува националниот интерес.