Во пресрет на 21 март – акцент на разбирањето и еднаквоста

Во пресрет на 21 март – Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на здружението „Дневен центар – Доза среќа“ од Скопје. На средбата беше отворена темата за унапредување на условите за живот и поголема вклученост на лицата со Даунов синдром во општеството.

Во разговорот беше истакната важноста од поддршка на родителите и згрижувачките семејства, како и потребата овие лица да добијат можности за развој и активно учество во секојдневниот живот.

„Во поддршката на родителите и згрижувачките семејства, за мене е важно да им овозможиме на лицата со Даунов синдром, адекватено развивање на животните вештини и способности и активно учество во сите сегменти на општествениот живот, како рамноправни граѓани.“

Таа посочи дека вистинската вредност на општеството се гледа во начинот на кој се однесува кон најранливите категории, нагласувајќи дека прифаќањето и разбирањето се клучни.

„Нема полековита доза среќа од разбирањето, прифаќањето и љубовта кон овие лица.“

Музичка порака дека талентот нема граници

Во рамки на средбата беше изведена и музичка точка, со што дополнително беше потенцирана пораката за еднаквост и потенцијалите на лицата со Даунов синдром.

„Дека талентот не познава бариери, стана јасно по музичката точка на хармоника, изведена од Денис Димитров, во придружба на младите гости од Дневниот центар.“

Средбата заврши со порака за континуирана поддршка, инклузија и градење општество во кое секој има еднаква шанса.