Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја посети Струга, каде што разговараше со градоначалникот Менди Ќура и со претседателот на Советот на Општината, Мите Стефоски. Посетата се случи на 25-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, а Сиљановска посочи дека независната кандидатура и поддршката што Ќура ја добил од стружани со различна партиска, етничка и верска припадност му даваат можност да води политика што обединува.
„Симболично, денеска, на 25 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, ја посетив Струга и разговарав со градоначалникот Менди Ќура, независен кандидат, поддржан од стружани со различна партиска, етничка и верска припадност. Тој има шанса да води локална политика што обединува, водејќи сметка за сите граѓани. Ме запозна со тековните активности, но и со најголемите предизвици“, напиша Сиљановска Давкова.
На средбата биле разгледани тековните активности, но и најголемите проблеми со кои се соочува Струга. Претседателката посочила дека во следните пет години особено важно ќе биде искористувањето на можностите поврзани со статусот на регионот под заштита на УНЕСКО.
„Особено важно е во следните пет години да ја искористиме довербата и шансата што ни ја даде УНЕСКО.“
Сиљановска Давкова наведе дека разговорот со градоначалникот Ќура и со претседателот на Советот, Мите Стефоски, ја уверил во нивната подготвеност за решавање на реалните проблеми на граѓаните, како и за преземање мерки за заштита на природното и културното наследство.
„Разговорот со градоначалникот Ќура и со претседателот на Советот на Општината, Мите Стефоски, ме уверува во нивната подготвеност за решавање на реалните проблеми на граѓаните, како и за преземање сериозни мерки за отстранување на заканите за природното и културно наследство под заштита на УНЕСКО.“
Претседателката истакна дека Струга, Охрид, Охридското Езеро и целиот регион се заедничко богатство и дека за нив се потребни и локална и државна посветеност и грижа.
„Струга, Охрид, Охридското Езеро и регионот се наше заедничко богатство и ја заслужуваат, како локалната, така и државна посветеност и грижа“, вели претседателката.
