Гордана Силјановска-Давкова, кандидатката за претседателка на државата на ВМРО-ДПМНЕ е во убедлива предност пред кандидатот на СДСМ и актуелен претседател на државата Стево Пендаровски. Граѓаните очигледно не се задоволни од работата на досегашниот претседател и на скала од 1 до 10 му дадоа оценка 4,02. Ова се дел од резултатите од телефонската анкета спроведена на 1.200 испитаници од агенцијата Маркет вижн од 15 до 24 март, а по нарачка на редакцијата на МКД.мк.
За тоа колку е важна функцијата претседател на државата во Македониија, 59,4 од анкетираните граѓани одговориле дека е многу важна, а за 8,5 отсо од нив таа функција е неважна.
Оценката за работата на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски на скала од 1 до 10 е 4,02. Оваа оценка за работата на Владата е 3,03. Назадоволството од работата на Пендаровски се гледа и во одговорот на прашањето дали тој заслужува втор мандат – 63,3 отсто од граѓаните велат „не“, а со „да“ одговориле 22,3%.
Очигледен е интересот на граѓаните за гласање на претседателските избори закажани за 24 април. За разлика од парламентарните, каде подготвност за излез на избори искажале 66,6 отсто од граѓаните, на изборите за шеф на државата би излегле дури 72,1 отсто од граѓаните.
Предноста на Силјановска-Давкова пред Пендаровски е речиси 2:1. Интересен е дуелот меѓу кандидатите во албанскиот блок, Бујар Османи и Арбен Таравари. За Османи како кандидат на коалицијата на ДУИ би гласале 7,9 отсто од граѓаните, а за Таравари како кандидат на албанската опозиција би гласале 5,8%.
Претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски е високо позициониран со 6,9 отсто од анкетираните граѓани, што значи трето место меѓу кандидатите Македонци. Во слободниот одговор на анкетата за тоа во кој политичар верувате, Димитриевски е дури и пред Пендаровски.
Анкетата покажува голема убеденост на граѓаните дека на претседателските избори ќе победи Гордана Силјановска-Давкова.
И на прашањето ако во втор круг се пласираат Силјановска-Давкова и Пендаровски, граѓаните предност даваат на победата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.
Анкетирањето беше спроведено од 15 до 24 март 2024 година со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање, на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 99%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
ИЗВОР: МКД.мк