Владата воспоставува системски пристап во креирањето и спроведувањето на политиките насочени кон младите генерации. Овие чекори се реализираат преку конкретни мерки, финансиска поддршка и законски решенија со кои се создаваат дополнителни можности за нивно економско осамостојување, образование и трајно решавање на станбеното прашање.
Минатата година преку Оперативниот план за вработување за првпат беа воведени таргетирани мерки за младите лица преку Програмата за самовработување со грант, рамка во која беа отворени речиси 2.200 нови правни субјекти.
Годинава Оперативниот план за вработување опфаќа над 10.000 лица и располага со вкупен буџет од 40 милиони евра, од кои 32 милиони евра се наменети за директни мерки за вработување. Со мерките се опфатени 6.000 лица до 29-годишна возраст, а предвиден е и младински додаток во висина од 3.000 денари.
Освен политиките за вработување, надлежните работат и на унапредување на системот за финансиска поддршка на студентите преку нов модел на стипендирање, кој предвидува задржување на вкупната бројка од 3.000 стипендии, но со поинаква распределба со цел поддршката да одговори на образовните профили и потреби.
„Па така, предвидени се 1.200 стипендии во категоријата за социјална поддршка, наменети и за студентите со попреченост и студентите со ретки болести. Се воведува категорија стратешки стипендии, со 1.050 стипендии за студентите кои се образуваат во области од особено значење за идниот развој на државата, меѓу кои математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство. Предвидени се и 750 стипендии за студентите кои остваруваат висок академски успех“, посочи Шамбевски.
Со цел да се создадат поволни услови за младите брачни парови при решавање на станбеното прашање, веќе се подготвуваат соодветни законски решенија.
„Една од мерките се однесува на младите брачни парови до 35 годишна возраст и предвидува можност за стекнување станбен простор по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната. Градежните компании, кои ќе сакаат да градат, ќе имаат обврска да издвојат најмалку 10% од станбената површина за оваа категорија граѓани за да се овозможи пристап до станбен простор под поповолни услови“, истакна Шамбевски.
Втората станбена мерка е исто така наменета за младите брачни парови до 35 години кои планираат да изградат сопствен семеен дом, при што се предвидува целосно ослободување од плаќање на надоместокот за уредување градежно земјиште, односно комуналиите кон општината.
„За да се подобри студентскиот стандард и овозможување полесен пристап до услуги, се подготвува и ново законско решение за воведување студентска картичка. Со оваа картичка, студентите ќе можат да остваруваат 20% попуст за услугите достапни преку апликацијата М-услуги, во текот на целата година“, додаде Шамбевски.
Партијата порачува дека посветено продолжува да работи на мерки што ќе им овозможат на младите полесен пристап до работа, современо образование и сопствен дом, со крајна цел иднината да ја градат во државата.
