Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети депонијата „Дрисла“.

– Денеска ја посетив Дрисла, каде што се уверив дека пожарот е целосно локализиран и ставен под контрола. Благодарение на навремената интервенција на службите, ситуацијата е стабилна и не постои опасност за понатамошно ширење, напиша премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил.

Покрај премиерот, на терен беа и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Ангелов претходно соопшти дека во „Дрисла“ продолжува затрупувањето на преостанатиот дел од кој и по гаснењето на пожарот продолжи чадењето. Половина од местото коешто гореше во „Дрисла“ вчера е затрупано, рече директорот на ДЗС.