Изминатава недела е зголемена динамиката на градежни активности во клучните сообраќајници
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека изминатава недела е зголемена динамиката на градежните работи на неколку клучни точки во градот.
„Изминатава недела работиме со засилено темпо на точки кои со години беа закочени, а дел од нив останаа само лажно ветување. Денес, тие напредуваат“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека активностите се видливи на клучката кај „Момин Поток“ и на улицата „Љубљанска“, кои се од огромно значење за жителите на Карпош. Паралелно, напредуваат и градежните работи на „Перо Наков“ во Гази Баба, клучна сообраќајна артерија по која секојдневно поминуваат илјадници граѓани.
„Ова е само почетокот на сериозна, одговорна и посветена трансформација. Скопјани заслужуваат град со визија, ред и достоинство“, додаде градоначалникот, нагласувајќи дека напредокот ќе продолжи и во следните месеци со цел Скопје да добие модерен и функционален лик.
