Огромен интерес за настапот на 8 септември на арената „Тодор Проески“
Концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, кој ќе се одржи на 8 септември на Градскиот стадион „Тодор Проески“ по повод 35 години независност на Македонија, официјално е распродаден.
Од „Авалон“ информираа дека сите 50.000 влезници биле продадени за помалку од 12 часа, а огромниот интерес предизвикал преоптоварување на системот за продажба.
„Продадени се 50.000 влезници во помалку од 12 часа! Повеќе од 250.000 луѓе, голем дел од нив во ист момент, се приклучија на avalonbooking.mk, што предизвика потешкотии при логирањето и купувањето влезници кај дел од корисниците, земајќи предвид дека побарувачката евидентно го надмина капацитетот и бројот на достапни влезници“, информираат од „Авалон“.
Најголем дел од билетите купени во Македонија
Организаторите соопштија дека сите купувачи своите PDF-влезници ќе ги добијат најдоцна до недела, 17 мај, поради процесирањето на големиот број билети.
Од „Авалон“ посочуваат дека според статистиката, 93 проценти од влезниците се продадени на корисници од Македонија, додека останатите 7 проценти ги купиле посетители од други земји ширум светот.
