Советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска гостуваше во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија и кажа дека транспарентноста на градската управа кон јавноста е под нула.

– Ние одговори еве веќе подолго време не ни добиваме од градоначалничката. Она што е наша обврска како советници, како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ е да одговориме на сите оние барања кои што ги имаат граѓаните, да одговориме на нивните прашања. Граѓаните ни ги поставуваат нам прашањата, а ние како советници треба од Градот Скопје, од јавните претпријатија, од градоначалничката, од службите да побараме одговори. За жал ние одговори веќе подолго време немаме. А, транспарентноста кон медиумите, кон советниците и кон граѓаните е под нула во моментов, истакна Андоновска.

Андоновска посочи дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се самоорганизираа, затекнати од ситуацијата сакајќи да помогнат на граѓаните.

– Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет, откако се на функциите немаат помош од град Скопје ниту од централната власт, но тие успеваат да излезат во пресрет на граѓаните. Ситуацијата вчера налагаше интервенција, да се делува и јас се сомневам дека ако тие не го направеа тоа, јас мислам дека до ден денеска ништо немаше да се случи и уште ќе си стоеше ѓубрето, а граѓаните ќе страдаа, рече таа.

Таа посочи дека ако вие сте менаџер на една институција, односно во случајов градоначалник, не може да не ги знаете проблемите затоа што не сте од вчера, Арсовска е градоначалничка на Скопје скоро две години.

– Тие најавија и започнаа да работат и замислете кој апсурд, Велес помага, Штип, Кавадарци, Сопиште. Кога почна да се чисти со механизација од други градови, на град Скопје им текна да работат па си измислија приказни за мафијаши, а најголемиот апсурд е што не им дозволија во Дрисла да го депонираат ѓубрето. Мора да знаеш што ти се случува, за овие работи таа не дознала од вчера или пред 5 дена. Вие како менаџер не може да го ставите цел град во заложништво, мора да најдете систем тоа да го решите. Ако сакате да спроведувате дневна политика и нечии интереси тоа го правите на друг начин. 700.000 луѓе ги затрупа во ѓубре, во смет, рече Андоновска.