Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните, порачал гувернерот на Народната банка, Трајко Славески на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), што се одржува во Намибија.
Од Народната банка денеска информираа дека Славески пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), нагласил оти финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата.
Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем, рекол Славески.
Посочил дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата.
Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации, истакнал гувернерот.
Осврнувајќи се на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост, Славески посочил дека земјава оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите и дека се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани.
Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост, нагласил Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествувал и на панел-дискусијата посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд каде нагласил дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности.
Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените, посочил Славески, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).