Словенија досега за вакцини против Ковид-19 платила 68,5 милиони евра, а поради истечен рок или несоодветно чување фрлени се околу 2,5 отсто или 74 илјади дози, соопшти Министерството за здравство.

Институтот за јавно здравје на Словенија со краток рок, или до почетокот на април, во моментов има уште 3.300 дози АстраЗенека и 14.800 дози од вакцината Модерна, бидејќи од втората половина на минатата година вакцинацијата се врши речиси исклучиво со mNRA вакцини, а со векторски само на изричита желба и со потпис на лицето кое сака да се вакцинира.

Од Министерството за здравство изјавуваат дека процентот на фрлени вакцини е релативно мал, дека роковите за употреба се многу различни и дека се работи на тоа тие да се користат навремено, во Словенија или во друга земја, пренесе Хина.

Словенија досега дел од своите вишоци вакцини донираше за Босна и Херцеговина, Црна Гора, Египет и Зеленортски Острови, а преку меѓународниот механизам за помош КОВАКС ќе додели 1,5 милиони дози.

За 14 месеци од почетокот на вакцинацијата во Словенија имунизирано е 57,7 отсто од вкупното население, но во последните месеци интересот за вакцинација е нагласено мал.