Нови правила за полнење и мерки за дистрибуција
Во Словенија, воведувањето на привремено ограничување за полнење гориво, кое стапи на сила од полноќ помеѓу сабота и недела, предизвика долги редици на бензинските пумпи низ целата држава. Целта на итната мерка е да се намалат проблемите со снабдувањето со нафтени деривати, но првиот ден беше обележан со застои на клучните локации.
Според новите правила, физичките лица можат да наполнат максимум 50 литри дневно, а правните лица и физичките лица кои вршат дејност, вклучително земјоделска, до 200 литри дневно. Ограничувањата ќе важат неодредено време.
Словенечката армија се вклучи во дистрибуцијата на гориво, а нејзини припадници помагаат во транспортот и снабдувањето. Властите ги повикаа дистрибутерите да ги координираат испораките од магацините до пумпите за да се забрза снабдувањето и да се зголеми ефикасноста.
Извештаи и можни дополнителни мерки
Трговците со гориво се должни редовно да доставуваат извештаи до владата за состојбата на бензинските пумпи. Врз основа на тие извештаи, властите ќе одлучуваат за евентуални дополнителни мерки.
Премиерот Роберт Голоб најави дека се разгледуваат и конкретни мерки кои би ја ограничиле продажбата на гориво за странски државјани. Тој им препорача на трговците да подготват соодветни чекори за имплементација на овие ограничувања.
Проблеми кај Петрол и реакција на компанијата
Најизразени проблеми со снабдувањето се регистрирани кај компанијата Петрол, која беше предмет на критики од премиерот. Од компанијата пак истакнуваат дека вложуваат максимални напори за да обезбедат стабилно снабдување на целата мрежа и да го минимизираат влијанието врз потрошувачите.
