Во несреќата загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени.
Пред да одговори на прашањата, упатени од неговиот бранител, Вељо Кадиев, првообвинетиот Дурмиш Белули, изрази сочувство за семејствата на загинатите и тешко повредените од сообраќајната незгода.
– Верувајте дека од тој ден јас сум многу потресен, душевно скршен, јас сум трауматизиран, не само јас, туку и целото мое семејство и моите најблиски. Тука загинаа моите гостиварчани, кои јас ги сметав како мои браќа, како мои сестри и како мои деца, изјави Дурмиш Белули.
Прашан колку време го познава и од кога е вработен во „Дурмо турс“ возачот Маноил Трифуновски, кој е шестообвинет во овој случај, Белули одговори дека Трифуновски е дојден пред 10-тина години.
– Истиот и тогаш и сега се сметаше меѓу најдобрите возачи со големо искуство, но, за денот на несреќата, дали имал некои семејни проблеми, или здравствени проблеми, тоа не ми било познато, но, по 13 февруари 2019 година, дознавме дека истиот Маноил Трифуновски боледува од шеќерна болест и прима инсулин, тоа при телефонски разговор ми го потврди истиот Маноил, кажа првообвинетиот.
Прашан каде бил за време на случувањето на несреќата, Белули кажа дека тој ден со двајца пријатели од Гостивар, околу 13 часот, биле во Скопје, се задржале до 16 часот и потоа со негова кола се вратиле за Гостивар.
– По пат, односно помеѓу Тетово и Гостивар, на место викано Жеровјане, ми се јави возачот Џемал, кој плачеше на телефон и ми рече, цитирам: „Директоре направи сѐ што можеш, бидејќи колегата Маноил се превртел со автобус, има многу повредени па дури и жртви“, јас, нормално зачуден многу, успеав да го прашам само тоа „каде сте?“, истиот ми одговори дека е во Карпалак, веднаш со моите двајца пријатели, го свртев возилото и тргнав кон Скопје, односно кај местото на настанот, кажа првообвинетиот.
Тој потенцираше дека, второобвинетиот Ремзи Мифтари, два – три дена по сообраќајната незгода му обезбедил телефон преку сестрата на Маноил, при што успеал да разговара со Маноил Трифуновски.
– Во тој телефонски разговор помеѓу мене и лицето Маноил Трифуновски, исклучиво разговаравме во врска со сообраќајната незгода. Првично го прашав, како е со здравјето, истиот ми одговори дека е добар, но има болки. Го прашав и барав од него да го посетам, но, тој ми рече, не, затоа што го чуваат полицајци и е на некаков вид домашен притвор, кажа првообвинетиот.
Дополни дека го прашал Маноил Трифуновски што се случило, на што, како што кажа тој, Трифуновски му одговорил „Ништо не се сеќавам, тука рекол Господ да пукне земјата, загинаа толку луѓе, наши гостиварчани“.
По последната пауза рочиштето беше прекинато поради поднесок од Адвокатското друштво на „Бранко Кузмановски и партнери“, односно известување по повод решението на судот за отстранување од денешното рочиште на полномошникот Наташа Стефановска, стручен соработник во друштвото, поради претпазливост од евентуално ширење на вирусот Ковид – 19, при што оттаму известија дека бранителот на шестообвинетиот, адвокатот Љупчо Мицевски на 9 март 2021 година, на судско рочиште одржано во Основниот граѓански суд Скопје бил во контакт со адвокатот Тања Ивановска, од горенаведеното друштво, за која што е издадено решение за самоизолација.
Обвинетите Дурмиш Белули, сопственикот на „Дурмо турс”, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Судењето за овој случај продолжува на 23 март 2021 година. Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.