Проблемот со водата во Крушево не треба да се споредува со состојбата што настана во Гостивар, бидејќи станува збор за сосема различни ситуации, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој нагласи дека во Крушево прекинот во работата на системот за хлорирање траел околу еден час поради прекин на електричната енергија, по што состојбата била стабилизирана, а нема ниту пријави од граѓани за здравствени симптоми.
На прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во Скопје, посветена на состојбите со гостиварскиот водовод, Ангелов одговори и на новинарско прашање за исправноста на водата во Крушево.
Тој рече дека веднаш откако добил информација дека водата во крушевскиот водовод не е исправна, стапил во контакт со градоначалникот на Крушево за да ја провери состојбата.
Според информациите што ги добил, поради прекин на електричната енергија, околу еден час не работел уредот за хлорирање на водата.
– Затоа случајот во Крушево ни оддалеку не е сличен на она што се случуваше во Гостивар. Веднаш по тој еден час, уредот што внесува хлор во градскиот водовод продолжил со работа и очекувам состојбата таму веќе да биде целосно стабилизирана. Сепак, повеќе информации треба да се побараат од локалната самоуправа. Повторувам, немаме појава на луѓе што се жалат на здравствени симптоми и воопшто не треба да се споредуваат овие два случаи – истакна Ангелов.
