Министерот за надворешни работи Бујар Османи вечерва изјави дека ќе се воздржи од коментари по обвинувањатата од поранешниот вицепремиер задолжен за европски прашања Никола Димитров.
-Не сакам да влезам во реплика со поранешниот колега затоа што јавноста кажа доволно, и политичкатата, и граѓанската. Ретко за кое прашање во јавноста имало консензус. Ќе беше изненадување тајмингот да не беше тој. Тајмингот е утнат во давање такви квалификации откако ќе видите дека не сте во списокот. Ќе се воздржам од коментари и само можам да му посакам успех во понатамошната работа и ангажмани, рече Османи во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Посочи дека работеле заедно и оти имале постигнато заедно. Како едно од поважните постигнувања тој го издвои тоа што, како што рече, можеби првпат за ретко кое прашање по независноста политичарите кои ги претставуваат заедниците, посебно македонската и албанската, како големи, првпат зборуваа во еден тон, дали во Скопје, во Софија, во Брисел, во Вашингтон.
-И некој што не ги знае приликите и не го знае процесот, тоа може да го потцени, но, тоа е многу важно, рече Османи.
Министерот Османи изјави дека со Димитров немале суштински разлики во процесот, туку во работната дисциплина.
-Мислам дека ова се реакции на моментот, така подобро е да се воздржам. Можеби по неколку месеци, доколку се повторуваат, би кажал. Но, сега е рефлексија на моментот, на ситуацијата, додаде Османи.
Според него, лоша карактеристика е кога се вели само јас сум добар, а сите се лоши, како поранешниот премиер, сегашниот премиер, министерот, опозицијата, претседателот.
-Таквите поставувања или пристапи, системот ги отфрла, процесот ги отфрла затоа што овој процес е тимски. Никој не е најпаметен, никој не е најзаслужен, така е поставен системот, никој не може да направи било што на своја глава, па дури и премиерот и претседателот на државата, рече Османи.
Тој истакна дека е опасна оваа теза, посебно, како што рече, поради мојата етничка припадност.
-Но, тука е трикот за да се спомне и друг заради опасноста од тезата, меѓутоа минирањето на ова унифицирање на еден државен став кој го споделуваат подеднакво сите етнички заедници, како ретко за кое прашање во независноста на оваа држава е најмалку безобразно, посочи Осамни.
Министерот Османи нагласи дека нема никаков багаж во овој процес, во животот и во политичката кариера и најави дека продолжува да ги отвора патиштата за да им овозможи на граѓаните европска иднина.