Со звуците на оригиналната гајда на Пеце што се разлеа по 25 години и со изворниот мелос на уште 160-тина изведувачи од сите краишта, синоќа во центарот на Прилеп почна 47. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Со уште 160-тина учесници Фестивалот продолжува вечер на Рудина, Долнени.

Етномузикологот и професор на музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип Горанчо Ангелов по 25 години, откако почина Пеце Атанасовски, засвири на неговата оригинална гајда. Вели дека чувството е посебно, како да е тука големиот уметник.

-Гајдата на Пеце ни ја даде семејството Атанасовски Вучиќ за да видиме во кака состојба е, да се „наштелува“ инструментот и да засвириме, ете, по 25 години, оти откако умре Пеце Атанасовски таа стои и, се чини, го чека моментот да се разлее. Сега, на Фестивалот го разлеав нејзиниот звук и може да кажам одлична е, не загубила од „својот сјај“ кога свирела во рацете на мојот ментор, мојот идеолог пред кого бев успешен млад гајдаџија, во времето кога ретко кој свиреше на гајда. Чувството е посебно, како да е тука, со нас големиот уметник кој го пренесе нашето богато изворно наследство низ светот, рече Ангелов.

Фестивалот ќе ги награди најдобрите изведувачи со Гран-при, а најдобриот гајдаџија ќе ја добие гајдата на Пеце, што ја доделува општина Долнени.