Соборот на Српската православна црква денеска одобри канонско единство со МПЦ-ОА, со што, како што објавуваат српските медиуми, „решен е спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.
На вториот ден од седницата на Соборот, СПЦ објави соопштение во кое наведува дека го „поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со кој го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, се наведува во соопштението на СПЦ.
Во текстот се нагласува дека со ова „се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година“ и се воспоставува целосна литургиско и канонско општење.
– Со воспоставување единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и целисходен, легитимен и реален, се додава во соопштението.
СПЦ уште нагласува и дека во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ-ОА, Српската православна црква „ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и други слични работи или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под ничие влијание или притисок“.
– И, конечно, Соборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикација во матичната земја и во дијаспората, со препорака прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со еленофонските и другите помесни православни цркви, се наведува во соопштението објавено на сајтот на СПЦ.
Изминатиов викенд српските медиуми објавија дека Собор на СПЦ планира да „признае единство“ со МПЦ-ОА, по што како што шпекулираа великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“.
Меѓутоа, извори на МИА во МПЦ-ОА денеска информираа дека Црквата ниту добила покана, ниту планира одржување заедничка света архиерејска литургија со великодостојниците на СПЦ.
Истите извори посочија дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници.
Во однос, пак, на информациите дека на 5 јуни, на празникот Педесетница или Света Тројца, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски Стефан најверојатно во Цариград ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, изворите на МИА од нашата Црква посочуваат дека се планира таква богослужба, но дека засега ништо не е прецизирано.
Претходно, во врска со ваквата најава, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во изјава за Пресинг ТВ, само кусо одговори дека „ниту ја потврдува, ниту ја демантира ваквата информација“.