Дополнително, Советот на амбасадори смета дека по примерот на САД, и Европската Унија треба да создаде слични механизми за забрана на влез во Унијата или во Шенгенскиот простор за високите функционери на земјите кандидати од Западен Балкан кои се вклучени во корупција или во организиран криминал

Советот на амбасадори ја поздрави одлуката на американскиот Стејт департмент да го прогласи струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за неподобен за влез во Соединетите Американски Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција додека ја извршувал актуелната функција.

Институциите на правосудниот систем, велат оттаму, треба веднаш да отворат истрага за случаите што го предизвикале Стејт департментот да постапи на овој начин, притоа користејќи ги механизмите за меѓународна соработка и меѓународна правна помош – како во случајот на струшкиот градоначалник, така и за останатите високи функционери за кои постои сомневање дека ги злоупотребиле функциите.

Дополнително, Советот на амбасадори смета дека по примерот на САД, и Европската Унија треба да создаде слични механизми за забрана на влез во Унијата или во Шенгенскиот простор за високите функционери на земјите кандидати од Западен Балкан кои се вклучени во корупција или во организиран криминал.

„Се разбира, ништо не е замена за работата на домашното правосудство коешто, за жал, сè уште не е на висината на задачата којашто доликува на една земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ“,

се додава во соопштението.

Борбата против корупцијата и организираниот криминал, додаваат оттаму, останува една од клучните точки што треба драматично да се подобрат за реализација на целите на македонската надворешна политика, но и за повисок економски, социјален и демократски развој на земјата.