“Помалку пари за ректорот, а повеќе за науката, истражувачите и вработените. Ќе го намалам додатокот за ректор, да биде споредлив со просечната плата на професор на УКИМ, а средствата ќе бидат насочени во нова програма за финансирање на младите истражувачи и нивните ментори. Кога го имате првото место помеѓу еднаквите, со задача да се вложите дополнително, надвор од своите секојдневни професионални ангажмани, секогаш треба да бидете пример”, вели проректорката за настава и кандидат за ректор на УКИМ, Христина Спасевска.
Спасевска најавува и ревидирање на 5 отсто од меѓународни проекти кои досега ги користеа дел од управните органи на УКИМ, велејќи дека овие средства ќе се вклучат во нов фонд за аплицирање на проекти којшто планира да го отвори на УКИМ доколку биде избрана за ректор. Транспарентност и отчетно носење и трошење на буџетските средства на УКИМ е еден од клучните приоритети во нејзината програма, сметајќи го како сериозен недостаток во досегашното работење на универзитетот.
“УКИМ мора да понуди транспарентност и отчетност во своето работење, за што досегашните извештаи и начин на работење покажуваат дека е сериозен недостаток. Носењето на буџетот и распределбата на средствата, како од сопствени приходи, така и од основниот буџет на државата, ќе бидат транспарентно разгледувани, преку отворени седници, со широки консултации и мислења од единиците на УКИМ. Во соработка со професорите, студентите и јавноста, заедно можеме да го промениме УКИМ во универзитет што ќе биде лидер на секое поле. Ова е УКИМ кон кој заеднички ќе целиме”, истакнува професорката Спасевска.
За проблемот со ниското рангирање на УКИМ на меѓународните листи, Спасевска вели дека поставувањето на УКИМ високо на меѓународните ранг-листи е долгорочен процес на кој ќе му пристапи сеопфатно, искористувајќи го целиот потенцијал што го има УКИМ, но и преку воспоставување активен дијалог со државата за добивање поголема финансиска поддршка.
“Рангирањето се определува во неколку категории, пред сè поврзани со успешноста во објавувањето научни резултати во списанија, цитираноста, како и воспоставување поголема видливост на трудовите и научните активности на УКИМ. Секако дека овде голема улога има и финансирањето, за што ќе испорачаме директни и конкретни барања до државните институции за финансиска поддршка. Подигањето на УКИМ на светските ранг-листи може да се случи само со инволвираност на целиот научноистражувачки потенцијал од нашиот универзитет и политичка одлука на државата да има национален универзитет помеѓу првите 1.000. Универзитетот има врвни научници, со веќе воспоставена меѓународна соработка, но, за жал, поради административните предизвици при конкурирањето и имплементацијата на меѓународните проекти, нивната иницијатива во таа насока е многу мала. Меѓународната соработка ќе ја отсликаме и во формалното образование со воспоставување систем за поголем број студиски програми со двојни дипломи од странски универзитети и развој на Универзитетската школа за докторски студии, заклучува таа.