Одлуката на Советот на Општина Аеродром е проследена до Собранието на Република Северна Македонија. Согласно законите, Собранието има обврска да ја прифати или не таа иницијатива. Доколку одлучи да ја прифати, потоа доаѓа втората фаза, а тоа е утврдување на специфична локација во населбата Горно Лисиче, каде што би можел да биде поставен тој споменик. Времето ќе покаже каков ќе биде исходот, вели градоначалникот на Аеродром

Одлуката за поставување на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето во населбата Горно Лисиче ќе се реализира ако Собранието на Република Северна Македонија ја прифати таа иницијатива, вели градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Тој вели дека тоа е историска фигура, која има значење за македонската историја, но без одлука на Собранието нема да се постави кој било споменик кој е од национално значење за територијата на Општина Аеродром.

„Ова е фигура која е од национално, а не од локално значење“,

рече Муцунски на денешната средба со новинарите одговарајќи на новинарско прашање.  

Градоначалникот на Аеродром рече дека одлуката за отпочнување иницијатива за носење на тој споменик во Горно Лисиче е одлука на Советот на Општината.

„Советот по својата содржина е рефлексија на гласот на граѓаните. Иницијативата беше прифатена од советниците, потоа таа одлука е проследена до Собранието на Република Северна Македонија. Согласно законите, Собранието има обврска да ја прифати или не таа иницијатива. Доколку одлучи да ја прифати, потоа доаѓа втората фаза, а тоа е утврдување на специфична локација во населба Горно Лисиче каде би можел да биде поставен тој споменик. Времето ќе покаже каков ќе биде исходот“,

рече Муцунски.

Тој додаде дека за оваа иницијатива на советничката група на Левица за поставување на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето на територија на општината, советниците од сите советнички групи имаат дадено поддршка.

„Дури и еден советник кој е дел од советничката група на СДСМ гласаше ‘за’ овој споменик да биде пренесен во Горно Лисиче“,

рече Муцунски.  

Скопската градоначалничка Данела Арсовска на 1 април испрати барање до Општина Центар за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето во тревникот пред комплексот судови во Скопје.

Општина Центар, пак, експресно го одби барањето со образложение дека нема надлежност во поставување споменици и ја упати Арсовска да се обрати до Собранието.

Во образложението на Општината се додава дека согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување споменици се кај Собранието, додека општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

Споменикот на Ќосето беше поставен пред комплексот судови во Скопје како дел од серијата споменици што беа поставени во главниот град за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Споменикот од пред комплексот судови го отстрани поранешниот градоначалник Петре Шилегов во февруари 2018 година затоа што, покрај контроверзноста, имаше решение за отстранување бидејќи беше дивоградба.