Континуиран развој на спортската инфраструктура

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски, ги претстави своите планови за развој на спортот во општина Ѓорче Петров. Тој истакна дека спортот и спортистите ќе бидат еден од приоритетите во новиот мандат, со цел создавање современа инфраструктура и услови за развој на сите дисциплини.

„Почитувани, во изминатиот мандат покажавме и докажавме дека кога се сака, кога се има визија и се работи, може да се даде сериозна поддршка на спортот, на спортските работници, на индивидуалните спортисти, на колективните клубови, може да се инвестира во инфраструктурата што значи современи услови за развој на спортот во сите дисциплини“, – рече Стојкоски.

Тој нагласи дека досега се изградени осум нови спортски терени, дел со вештачка трева и дел со тартан подлога, а во тек се изградби на уште два – на Полјана во Хром и на ул. „Шидска“.

Нови спортски комплекси и поддршка за спортистите

„Во новата програма се обврзуваме на дополнителни работи во делот на спортската инфраструктура, изградба на три нови современи спортски комплекси – во Стопански Двор, во Волково-Пржина и во месноста викана Полјана во Кучково каде што Ѓорче Петров ќе ја добие и првата арена на спортовите. Дополнително, се обврзуваме да инвестираме во изградба на нова спортска сала за учениците од ООУ „Јоаким Крчоски“-подрачното во с.Никиштане, да извршиме реконструкција и да прераснат во спортски центри дворовите на ООУ „Тихомир Милошевски“, и ООУ „Ѓорче Петров““, – додаде Стојкоски.

Кандидатот најави и зголемување на поддршката за индивидуалните спортисти, колективните спортови, општинскиот училишен спорт, лигите и традиционалните турнири во општината.

„Свесни сме и работиме на тоа да во Ѓорче Петров секој еден има услови да се развива и да се гради низ спортот. Спортот е здравје, спортот е начин на живеење, спортот е она што е иднината за секое наше дете овдека во Ѓорче Петров. Направете го вистинскиот избор!“, – заклучи Стојкоски.