За првпат годинава Игрите се одржуваат и во Македонија
Кочани денеска беше домаќин на „Денот на спортот“, кој се одржа во рамките на Плазма Спортските игри за млади, а на настанот учествуваа повеќе од 2.000 деца.
Настанот помина во спортска атмосфера исполнета со натпревари, дружење и активности за најмладите, а организаторите посочија дека главната цел е поттикнување на спортскиот дух, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата и младите.
Плазма Спортските игри за млади веќе 30 години се организираат како најголем спортско-аматерски настан во Европа, а годинава за првпат се одржуваат и во Македонија.
Грозданов ги прогласи Игрите за отворени
Присутните ги поздравија претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска, градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, како и потпретседателот на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Александар Андов.
Грозданов свечено ги прогласи Игрите за отворени.
„Почитувана претседателке, почитуван претседател на Советот на Општина Кочани, почитувани професори и драги дечиња, Најсреќни сме кога гледаме радост во вашите очи, желба за игра, за дружење и за спорт. Од мое име и од име на градот Кочани, упатувам благодарност до Владата на Република Македонија, до директорката и до Министерството за спорт. Нека Плазма Спортските игри за млади во Кочани прераснат во убава традиција. Ги прогласувам Игрите за отворени“, истакна градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов.
Филип Стојанов го донесе факелот на Игрите
Честа да го донесе факелот и симболично да го означи почетокот на Игрите му припадна на двократниот балкански шампион во карате, Филип Стојанов.
На настанот присуствуваа и фудбалерките од ЖФК Кочани, кои дополнително ја збогатија спортската атмосфера.
