Во заедничка и координирана акција на властите на Србија и Македонија, во Скопје е уапсен 42-годишниот С.М., за кого постојат сомнежи дека планирал извршување тешки кривични дела, меѓу кои и убиство, пренесува ТВ21.
Според Министерството за внатрешни работи на Србија, уапсениот е член на организирана криминална група и претходно нелегално влегол во Македонија. Се сомничи дека дошол со цел да извршува тешки кривични дела во име на членовите на групата.
„Според сомнежите, С.М. во претходниот период нелегално влегол на територијата на Северна Македонија и, како што се сомнева, таму планирал извршување на тешки кривични дела во име на членовите на криминалната група во која припаѓа, најмногу за извршување на кривичното дело убиство“, се наведува во соопштението на МВР на Србија.
При контрола на локацијата каде што престојувал С.М., полицијата пронашла пиштол „CZ“ со муниција, црна тактичка униформа, воен нож, мала количина марихуана и странска лична карта издадена од Република Србија.
Од МВР на Македонија потврдија дека акцијата е спроведена вчера под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Покрај С.М., уапсени се уште две лица.
„Извршени се претреси на неколку локации во Скопје, каде се пронајдени дрога, пари и мобилни телефони. Од слобода се лишени три лица, од кои двајца српски државјани и еден македонски државјанин“, велат од МВР на Македонија.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
